СВЕТИТЕ ОТЦИ НАШИ И ВЕЛИКИ ЕРАРСИ

ВАСИЛИЈ ВЕЛИКИ, ГРИГОРИЈ БОГОСЛОВ И ЈОВАН ЗЛАТОУСТ

Светителите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст имаат секој свој посебен ден на празнување во месецот јануари.

Но овој заеднички празник е востановен во 11 век за време на царот Алексиј Комнен.

Еднаш однекаде настана расправа меѓу народот околу тоа кој од овие тројца светители е најголем.

Едни го воздигнуваа Св. Василиј заради неговата чистота и храброст, други Св. Григориј за недостижната длабочина и висина на умот во богословието; трети воздивнуваа по Свети Јован со неговата чудесна благоглаголливост и јасност во изложувањето на верата.

И така едни се нарекуваа василијани, други григоријани, а трети јованити.

По Божја Промисла овој спор беше решен во корист на Црквата и на уште поголема слава на овие тројца светители.

Евхаитскиот епископ Јован (под 14 јуни) имаше едно видение во сон, имено: прво му се јави секој од овие светители во голема слава и неискажлива чудесност, а потоа сите тројца заедно. Тогаш му рекоа:

„Ние сме едно во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор“.

Светителите го посоветуваа епископот да им напише една заедничка служба и да им се одреди еден заеднички ден за празнување. Со ова прекрасно видение спорот се реши на тој начин што 30 јануари се одреди како заеднички празник за тројцата Свети Архиереи.

ВЕЧЕРНА

 

Литиски стихири, глас 2.
(Од Нил Ксантопул)

Дојдете, служители на небесна Троица, да ја прославиме земната троица ерарсиː Василија – кој го носи името на царството; Григорија – наречен Богослов, и Јована – кој вистински го носи името на милоста; бездни на мудроста, кои го примија духот, живи извори на вода која вечно тече; проѕирни бисери, земни светила, црковни кормила, светлоплодовити дрвја, икономи на благодатта, усти на мојот Христос и бранител на Света Троица, од Која непосредно примаат светлина, и кои непрестајно се молат за душите наши.

Од нив просветлени, верно да ги прославиме овие разгорени од неподносливиот Оган јаглени, зашто тие, од него запалени, за светот станаа светилници, а за бедните – животна сила; тие верно и јасно Го проповедаа Отецот и Синот и Светиот Дух. И ние да им речемеː Радувај се, тројко богомудра на (Света) Троица.

Глас 6.

Троице Света и за поклонување достојна, слава на Твојата мудра промисла, зашто овие три големи светилника на луѓето од луѓето им ги даде, кои просветлуваат со светлината на Твоето познание, и осветлуваат со зракот на Твојата спасителна и чесна волја, преку кои вселената со светлината на разумот се збогатува, озарена со Твојата слава, и се брза кон Твоето блажено царство. Уверувајќи нѐ да ги слушаме нивните божествени учења, и Ти Самата – Троице Света, нивните молитви за нас услиши ги, како сештедар Бог, и спаси ги душите наши. Човекољупче.

Слава, глас 6ː

О празникољупци, собрани заедно, со песни пофални да ги воспееме светителите Христови, кои се слава на отците, столбови на верата, учители и чувари на верниците, говорејќиː Радувај се, Василие премудри и непоколеблив столбу! Радувај се, небесен уме, превелик архиереју, Григорие Богослове! Радувај се, Јоване, со златни зборови, на покајанието јасен проповеднику! Но, о пребогати отци, не престанувајте секогаш да Му се молите на Христа, за оние што со вера и љубов го слават вашето сесвето и божествено торжество.

Тропар, глас 4.

Како рамни по нарав на апостолите и учители на вселената; Господарот на сите молете Го, мир на вселената да ѝ дарува, а на душите наши – милост голема.

Кондак, глас 2.

Свештените и богогласни проповедници – врвот на учителите – си ги примил, Господи, во покој и за наслада во Твоите блага, зашто нивните подвизи и смрт си ги примил како повозвишени од какви било жртви паленици.

Подготви С. Трајчева