ПРАВИЛА И ОДРЕДБИ НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ЗА ПОСТОТ 

 

Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.

Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви светски веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто, треба да се стремиме, колку е можно повеќе, поголем дел од мислите да Му ги посветиме на Бога и на тајната умносрдечна молитва.

Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите.

ВЕЛИГДЕНСКИ ПОСТ

Светата Четириесетница е востановена во чест на страдањата и Воскресението на Господа Исуса Христа. Според Типикот на Православната Црква се пости вака: за цело време на постот во сабота и недела е дозволена употреба на масло. Риба се употребува само на Благовештение и Врбица (Цветници). Ако Благовештение падне пред Врбица (Цветници), тогаш на денот пред Благовештение се разрешува на масло и вино.

ПЕТРОВДЕНСКИ И БОЖИКЕН ПОСТ

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло и риба.
Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, поќрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло и риба.

БОГОРОДИЧЕН ПОСТ

Овој пост е востановен во чест на Христовото Преображение и Успението на Пресвета Богородица и се пости на следниов начин: во понеделник, вторник, среда, четврток и петок не се јаде масло. Масло се употребува само во сабота и недела. Риба се разрешува само на Преображение.

РАЗРЕШУВАЊЕ ОД ПОСТ ПРЕКУ ЦЕЛА ГОДИНА

Ако Божик и Богојавление паднат во среда или петок на монасите им се допушта сирење и јајца, а на мирјаните се (и месо).

Ако се случи мала Богородица, Сретение Господово и Голема Богородица да паднат во среда или петок, допуштено е да се јаде риба, масло и вино.

На Преображение и Воведение (Пречиста), во кој било ден да паднат, се допушта вино, масло и риба. Во кој било ден да падне Благовештение до Врбица (Цветници), се допушта риба и масло.

Ако Благовештение падне во Страсната седмица до Велики Четврток, се допушта само масло и вино, а ако падне на Велики Петок, се допушта само вино.

Петровден, Иванден и свети Јован Богослов ако паднат во среда или петок, се допушта вино, масло и риба. Дванаесет дена по Рождество Христово, една недела пред месопусната седмица, светлата седмица (седмицата по Воскресението), на монасите им се допушта сирење и јајца, а на мирјаните и месо.

Првата седмица по Духовден допуштено е, исто така, на монасите сирење и јајца, а на мирјаните и месо.

Од Воскресение до Духовден во среда и петок допуштено е да се јаде масло и вино. Постот се ублажува уште и во следниве денови, ако паднат во среда или петок, или во време на пост:

Вo текот на целата година

Појаснување:

Под “масло” се подразбира масло од растително потекло, кај народот познато уште како “зејтин”, а во некои краишта и како “олио”, “оливо” и слично.

Датумите од првата колона се однесуваат на стариот црковен Православен календар, а датумите од втората колона се однесуваат на граѓанскиот календар.

Тоа така го востановила Православната Црква во чест на празниците кои се прославуваат. Оној кој може и сака и во овие денови нека пости, но не осудувајќи ги оние кои вака ублажено постат.

Тоа што го одредила Црквата е царски и духовен пат кој води во вечен живот. Оние кои сакаат да постат нека внимаваат да не се натоварат со поголемо бреме од она што Црквата го наредила, оти, ако паднат, нема кој да ги поткрене.

Оние кои никако не постат, нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството небесно.

Но, тие не можат веднаш да го земат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и петок во првата и последната недела од постот, а потоа, со текот на времето, ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат целосното правило, па така по некое време и тие ќе постат уредно.

Во тој духовен напор лошите духови ќе станат силни и ќе те советуваат во разумот или преку ближните, сакајќи да ти наштетат, велејќи ти:

“Сакаш да ослабиш, не можеш да издржиш, болен ти е стомакот, лекарот ти препорача добра храна”, а се со цел да ти ја убијат желбата.

Но, ти, малку по малку, со молитва ќе го отстраниш лошиот дух и постот ќе ти стане лесен. Освен тоа, почетникот, најнапред, може да остави во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, па со текот на времето ќе мине на целосен пост.

Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички