ЗА ПОСТОТ – Свети Игнатиј Брјанчанинов

Јади умерено и не ја подавај ногата повеќе отколку што можеш, за потоа сосема да не паднеш.

+++

Кога сме сосема слаби, нема потреба да го мачиме телото , туку напротив треба да го зацврстуваме, затоа немојте да се срамите да јадете рибина чорба за време на Четириесетницата. Срцепознавачот Господ, Кој ја гледа вашата слабост, нема да ве исклучи од бројот на оние кои постат.

+++

Законот за постот, бидејќи е надворешен закон за стомакот, во суштина е закон за умот.

+++

Умот, тој цар на човекот, ако сака да го преземе своето право на власт и да го зачува, должен е пред се да му се потчини на законот на постот.

Дури тогаш ќе биде постојано бодар и светол, дури тогаш ќе може да господари на желбите на срцето и на телото; дури тогаш, со постојана трезвеност ќе може да ги изучува Евангелските пораки и да ги следи. Темел на добродетелта е постот!

+++

На новосоздадениот човек воведен во рајот му е дадена само една заповед – заповед за постот. Таа заповед не зборувала за количеството на храна , туку го забранувала само видот.

Нека замолчат оние кои го признаваат постот според количеството на храна , а не и видот.

Заповедтта на постот која во рајот Бог Му ја објавил на човекот, толку е важна, што заедно со заповедтта е изречена и казна во случај на нејзино нарушување. Казната се состоела во вечна смрт за човекот.

+++

И денес гревовната смрт продолжува да ги погаѓа оние што ја нарушуваат светата заповед за постот. Оној што не умее да ја зачува умереноста и потребната разумност во врска со храната, не може да го скроти гневот, се предава на мрзливост, униние и тагување, станува слуга на суетата и живеалиште на гордоста која во човекот ја воведува неговата плотска состојба, која најмногу се појавува поради раскошот и обилната трпеза.

Заповедтта за постот ја обновило и ја потврдило Евангелието:

„Само, пазете се : вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство.“ (Лука 21, 34).

+++

Прејадувањето и пијанството му носат отежнатост не само на телото, туку на умот и на срцето, т.е. го доведуваат човекот и со душа и со тело во плотска љубов.

Напротив, постот, хтистијанинот го воведува во духовна состојба.

Оној кој е исчистен со постот,

смирен е со духот, целомудрен е,

скромен, молчалив, чувствителен,

со фини чувства во срцето и во мислите,

со лесно тело, способен за духовни подвизи и умно набљудување, способен за примање на Божјата благодат.

Телесниот човек во целост е натопен во гревовните наслади.

Тој е сладострастен и по тело и по срце и по ум

и не само што не е способен за духовни наслади и примање на Божествената благодат, туку не е способен ниту за покајание:

закован е за земјата, потонат во материјалноста за време на животот,

тој е мртов по душа?

„Тешко вам, преситени сега, оти ќе огладнете!“ (Лука 6, 25).

Подготви: М. Даниловска