СОБОР НА СВЕТИОТ АРХИСТРАТИГ МИХАИЛ И НА ДРУГИТЕ БЕСПЛОТНИ СИЛИ

 

Молитва кон свети Архангел Михаил

Целиот си оган и ревност, свети Архангеле Михаиле, затоа ти се молиме: нашите заспани души запали ги со огнот на твојата ревност, та секогаш да Му служиме на нашиот заеднички Господ, сесрдно да те подражаваме тебе, безгрешниот и свет брат наш и врховен војсководач на сите небесни и земни војски Христови.

Пречудниот Господ Исус Христос устроил една црква од ангели и луѓе, та и ние луѓето кои таинствено претставуваме херувими на земјата, да ги подражаваме нашите небесни браќа на чие чело стоиш ти, лачезарен и боженствен архистратиже Михаиле.

Ти на небото го победи селошиот сатана и го фрли од небото на дното во пеколот – помагај ни и нам секогаш, ти се молиме, сесилен Архангеле, та и ние со сепобедната сила да го победуваме селукавиот сатана, кој нѐ напаѓа од сите страни, и нѐ искушува преку безбожни луѓе, преку нечисти мисли, преку земни наслади и преку опивните страсти.

Сиот си свет, чист и безгрешен, божествен првоангеле Божји;

ти се молиме – сесвети;

ти се молиме – сечисти;

ти се молиме – себезгрешни, учи нѐ дење и ноќе како да живееме свето, чисто и безгрижно; дарувај ни ги твоите херувимски сили за да живееме вистински херувимски на земјата и ние, кои според неизмерливото Божјо човекољубие, претставуваме херувими на земјата.

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Архистратизи на небесните воинства, ние недостојните постојано ве молимеː со вашите молитви заштитете нѐ, под кровот на крилјата на вашата слава невештествена, пазејќи нѐ нас кои прилежно пред вас се поклонуваме, и кои викамеː Од неволи избавете нѐ, како началници на вишните сили.

Канон на бесплотните сили, творба на монах Јован, чиј акростих еː

Да торжествуваме, богомудри, похвала на соборот на бесплотните. Глас 8.

Песна 1.

Ирмосː Песна да Му запееме на чудниот наш Бог, Кој од ропство го ослободи Израилот, песна победна пеејќи и викајќиː Тебе, единствениот Владика, да Ти пееме.

Сите верни, да Ја воспееме Незаодната Троица, Која ги управува сите невештествени чиноначалства на горните хорови, викајќиː Свет, Свет, Свет си, Боже Седржителу.

На почетокот од Твоите дела, Создателу, ти си ја ставил бестелесната природа на ангелите, за да го окружува Твојот Божествен престол и да Ти пееː Свет, Свет, Свет си, Боже Седржителу.

Радувај се, Гаврииле, тајновидецу на Божјото воплотување, и Михаиле – началнику на невештествените чинови, непрестајно викајќиː Свет, Свет, Свет си, Боже Седржителу.

Богородиченː Треперам пред тајната на Твоето снисходење, Христе, оти, како Бог по природа, си прифатил да се родиш како човек од Дева, за да го спасиш светот од ропството на непријателот.

Друг канон, творба на истиот Јован монах. Истиот гласː

Песна 1.

Ирмосː Фараонот, кој беше на чело на борбените коли, Мојсеевиот жезол, во она време, на чудесен начин го потопи, кога (Мојсеј) со него напарави крст и ја раздели водата, а го спаси Израилот кој одеше пеш и на Бога песна Му пееше.

Дојдете, со песни соборно да ги прославиме духовните хорови на бесплотните чинови, како служители Божји, кои непрестајно се молат за наше спасение, и се радуваат на нашето покајание.

Предизбраните и светли водачи и началници на ангелите, денес ги побудуваат бесплотните умови да го прослават празникот на нивниот светол спомен; а со нив се радуваат и луѓето, принесувајќи ѝ песна на (Света) Троица.

Ние, луѓето, духовно да се развеселиме денес со ангелите, бидејќи Гавриил, и сега на Црквите им благовести единство, и пораз на сите противни ереси, во спомен на архистратизите.

Богородиченː Ти Го раѓаш Оној што ја надминува природата, Пречиста, Словото Очево, Кој се всели во тебе преку Духот Свети, Кој има две природи и две волји, а во една ипостас неизменливо, чиј лик ние Го целиваме.

Катавасијаː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.

Песна 3.

Ирмосː Стравот Твој, Господи, всади го во срцата на Твоите слуги, и биди ни тврдина нам, кои вистински Те призиваме.

Бесмртен (Господи), Ти си ги поставил силните, кои секогаш стојат пред Тебе во висините, со крепост да ја извршуваат Твојата сесвета волја.

Од ангелите, кои го благовестија Твоето воплотување и чесно воскресение, Христе, прими го нивното за нас молење.

Како милостив, Христе, Ти си ги поставил ангелите да бидат пазители на луѓето, и си ги покажал служители на спасението на Твоите угодници.

Богородиченː Неискажливо си Го зачнала Господа и Спасителот, Богоневесто, Кој ги избавува од опасности оние што вистински те призиваат.

Друг канон.

Ирмосː Ти си тврдина на оние што приоѓаат кон Тебе, Господи, Ти си Светлина на помрачените и духот мој Те воспева.

Нам, кои верно те славиме, Михаиле началниче, ти ни се покажа како прв меѓу ангелите, и втора светлина на (Света) Троица.

Со зракот на божествената благодат, Гавриил верно ја исполни сета земја, откако го благовести Божјото пришествие во тело.

Верните, што го славиме вашиот спомен, божествено просветлете нѐ, вие двајца светлозарни невештествени (архангели), и покажете нѐ достојни за нашите песни.

Богородиченː Исаија го воспева твоето надумно раѓање, Пречиста! И јас го воспевам, за да примам очистување како него.

Седален, глас 8.

Михаиле и Гавриле, архистратизи на божествената слава, водачи на небесните, високопрестолни и страшни началници на ангелите, со сите бесплотни сили!

O, служители на Господа! За светот непрестајно молејќи се, испросете ослободување од нашите прегрешенија, и да најдеме милост и благодат во судниот ден.

Слава, и сега, богородиченː Богоблагодатна чиста благословена, поради милосрдието и штедроста на Оној што се роди од тебе, со вишните бесплотни сили и архангели, непрестајно моли Го, пред крајот, милостиво да ни даде прошка на гревовите и поправка на животот, и да нѐ помилува…

 

Молитва кон свети Архангел Михаил

Целиот си оган и ревност, свети Архангеле Михаиле, затоа ти се молиме: нашите заспани души запали ги со огнот на твојата ревност, та секогаш да Му служиме на нашиот заеднички Господ, сесрдно да те подражаваме тебе, безгрешниот и свет брат наш и врховен војсководач на сите небесни и земни војски Христови.

Пречудниот Господ Исус Христос устроил една црква од ангели и луѓе, та и ние луѓето кои таинствено претставуваме херувими на земјата, да ги подражаваме нашите небесни браќа на чие чело стоиш ти, лачезарен и боженствен архистратиже Михаиле.

Ти на небото го победи селошиот сатана и го фрли од небото на дното во пеколот – помагај ни и нам секогаш, ти се молиме, сесилен Архангеле, та и ние со сепобедната сила да го победуваме селукавиот сатана, кој нѐ напаѓа од сите страни, и нѐ искушува преку безбожни луѓе, преку нечисти мисли, преку земни наслади и преку опивните страсти.

Сиот си свет, чист и безгрешен, божествен првоангеле Божји;

ти се молиме – сесвети;

ти се молиме – сечисти;

ти се молиме – себезгрешни, учи нѐ дење и ноќе како да живееме свето, чисто и безгрижно; дарувај ни ги твоите херувимски сили за да живееме вистински херувимски на земјата и ние, кои според неизмерливото Божјо човеркољубие, претставуваме херувими на земјата.