ДА НЕ БИДЕМЕ ПИТАЧИ НА ЉУБОВТА

„Љубовта е над сè.

Она со што треба да се занимаваме, деца мои, е љубовта кон другиот, кон неговата душа.

Сè што правиме, и молитва, и совет и укажувања, да правиме со љубов. Без љубовта молитвата не е полезна, советот повредува, укажувањето штети и го уништува другиот, кој што чувствува дали ние го љубиме или не го љубиме и реагира соодветно на тоа.

Љубов, љубов, љубов!

Љубовта кон братот нè подготвува да Го возљубиме Христа уште повеќе. Зарем не е ова убаво?

Кон сите да ја расфрламе нашата љубов несебично, не водејќи смета за нивниот став.

Кога ќе дојде во нас Божјата благодат, тогаш не се интересираме дали нè љубат или не и дали ни зборуваат со добрина. Ќе ја чуваствуваме потребата ние да ги љубиме сите.

Егоизам е кога сакаме другите да ни зборуваат со добрина.

Нека не нè растажува спротивното. Да ги оставиме другите да ни се обраќаат и зборуваат како што самите чувствуваат. Да не бидеме питачи за љубовта.

Наш стремеж треба да биде да ги љубиме и да се молиме за нив со сета наша душа. Тогаш ќе забележиме дека сите ќе нè љубат без тоа да го бараме, без воопшто да ја просиме нивната љубов.

Ќе нè љубат слободно и искрено од длабочината на нивното срце без да ги принудуваме.

Кога љубиме без да бараме да нè љубат, тогаш сите се собираат до нас како пчели. Тоа важи за сите нас.

Ако твојот брат те вознемирува, те замара, тогаш вака да размислуваш :

Сега ме боли моето око, мојата рака, мојата нога.
Треба да ги згрижам со сета моја љубов (спореди 1. Кор. 12, 21).

Меѓутоа, да не размислуваме ниту дека ќе бидеме наградени за нашите наводни добри дела, ниту дека ќе бидеме казнети за нашите лоши дела.

Кога љубиш со љубовта Христова, тогаш доаѓаш до познание на вистината. Тогаш не бараш да те љубат, бидејќи тоа е лошо.

Правилно е ти да љубиш, ти ја даваш својата љубов. Од нас зависи дали ќе се спасиме.
Бог го сака тоа, како што вели Светото Писмо, Он сака сите да се спасат и да дојдат до познание на вистината (1. Тим. 2, 4).

Старец Порфириј