Свето евангелие според светиот апостол Матеј

15:21-28

21. И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска.

22. И ете, една жена Хананејка, како излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес.”

23. Но Он не ѝ одврати ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, оти вика по нас.”

24. А Он одговори и рече: „Јас сум пратен само при загубените овци на домот Израилев.”

25. Но таа, кога пристапи, Му се клањаше и велеше: „Господи, помогни ми!”

26. А Он, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.”

27. Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари.”

28. Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!” И во тој час оздраве ќерката нејзина.

 

+++

„Иде време и дошло веќе, кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и во вистина, зaшто Отецот сака такви да бидат оние што Му се поклонуваат. Бог е Дух, и оние што Му се поклонуваат треба да се поклонуваат во дух и во вистина“ (Јован 4, 23–24).

Вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во благодатта на Светиот Дух и во исповедањето на вистинската вера.

Поклонувањето во дух и во вистина е едно и исто поклонување, едно и исто дејство, една и иста благодат.

И најнапред се случува на едно и исто место – во срцето, а потоа се сведочи и надвор од него.

Без првото, не е возможно ни второто.“