РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА ВЛАДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Раѓањето твое, Богородице Дево, радост ѝ јави на целата вселена, зашто од тебе засветли Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, и, откако ја разурна клетвата, благодат ни даде; а кога смртта ја уништи, вечен живот ни дарува.

Канон, на господин (кир) Андреј, глас 8.

Песна 1.

Ирмосː На Оној што ги скрши војните со Својата рака и го преведе Израил низ Црвеното Море, да Му пееме како на наш Бог Избавител, зашто се прослави.

Нека ликува сето создание, и Давид нека се весели, зашто од неговото колено и семе произлезе жезол – цвет што Го носи Господа, Творецот на вселената.

Онаа што е посвета од сите свети, во светиот храм како дете се воведува, за да се храни од раце ангелски. Затоа сите со вера да го празнуваме нејзиното раѓање.

Ана, неплодната и безродна, не беше бездетна и за Бога, бидејќи уште од пред векови беше предвидена да биде мајка на Пречиста Дева, која, во образ на слуга, ќе Го роди Создателот на природата.

Тебе, родена од Ана, незлобивата овчичка, која од својата утроба во наше постоење Го приведе Јагнето и Младенец – Христос, сите ние со песни те почитуваме.

Троиченː Славам, пеаам, проповедам Три беспочетни, свети и совечни, лица, во една суштина, зашто во Отецот и Синот и Светиот Дух – единствениот Бог се прославува.

Богородиченː Кој видел дете, хрането со млеко, а родено без татко! Или, каде е видена мајка, која останала дева!? Навистина се надумни и двете нешта, Богородице Пречиста.

Катавасијаː Кога Мојсеј направи крсен знак со стапот свој, Црвеното Море се раздели, и народот израилски пеш помина; а кога колите фараонови минуваа, го направи обратното и морето се спои, кога го напиша непобедливото оружјеː затоа да Му пееме на Христа нашиот Бог, оти се прослави.

Песна 3.

Ирмосː Срцето мое се утврди во Господа, достоинството мое се издигна во мојот Бог, устата моја се рашири против вразите мои, се развеселив во Твоето спасение.

Воспитана во Светињата на светињите, Дево Пречиста Богородице, ти се покажа повозвишена од сите твари, откако Го роди Создателот по тело.

Благословена е утробата твоја, целомудрена Ано, зашто го израсна плодот на девството, која бессемено Го роди хранителот на тварта, и Избавителот Исуса.

Сето создание те именува блажена, Приснодево, која денес се роди од Ана, жезол од коренот на Јесеја, која пречистиот Цвет – Христа, го израсна.

Твојот Син, Богородице Пречиста, покажувајќи те повозвишена од сето создание, го велича твоето раѓање од Ана, и денес сите ги весели.

Троиченː Ти се поклонуваме, по природа беспочетен Отче, Твојот беспочетен Син Го воспеваме, и Твојот совечен Дух Го почитуваме – еден Бог во три ипостаси.

Богородиченː Богородице Пречиста, која Го роди Дарителот на светлината и Началникот на животот човечки, ти се покажа како наша ризница, и врата на непристапната светлина.

Катавасијаː Жезолот беше праслика на тајната, зашто неговото расцутување одлучува за свештенството на Арона; а, на порано неплодната Црква, сега ѝ процвета крсното дрво, за нејзина моќ и поткрепа.

Песна 4.

Ирмосː Пророк Авакум, со духовните очи го предвиде Твоето доаѓање, Господи, затоа и викашеː Од југ ќе дојде Бог! Слава на силата Твоја, слава на Твоето понижување!

Пророкот Јаков, кога ги виде однапред јасно величијата на Твојот домострој, Спасителу, викаше со духот, говорејќи му тајно на Јудаː Од фиданка си израснал, Сине Мој, навестувајќи Те (како) Бог, роден од Дева.

Ароновиот жезол, кој процвета од коренот Давидов, сега од него произлегува чистата Дева. Поради тоа, таинствено се радуваат Јоаким и Ана, небото и земјата, и сите народи.

Сега нека се весели небото, нека се радува земјата, и нека ликуваат Јоаким и Давидː едниот како твој родител, зашто навистина Го роди Бога, а другиот како твој прататко, проповедајќи ги твоите величија, Пречиста.

Денес со тебе, богомудра Ано, се радува сета вселена, зашто Мајката на Избавителот си ја родила, која изникна од коренот на Давида, и која Го носи Цветот – Христа, жезолот на силата.

Троиченː Го славам беспочетниот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, едносуштна Троица несоздадена, пред Која набожно стојат серафимите, викајќиː Свет, Свет, Свет си, Боже!

Богородиченː Пребеспочетниот Почеток, од тебе прима почеток телесно во времето, Богородице, но, и по воплотувањето, останува собеспочетно Слово на Отецот, и на Духот едносушно, запазувајќи го божественото достоинство.

Катавасијаː Ја слушнав, Господи, тајната на Твојата промисла; ги разбрав делата Твои и го прославив Твоето божество.

Песна 5.

Ирмос: Господи, Боже наш, мир дај ни! Господи, Боже наш, присвој нѐ! Господи, освен Тебе, друг (Бог) не знаеме; името Твое го именуваме!

Твоето пречисто раѓање, Дево непорочна, е неискажливо, а зачнувањето твое и раѓањето е неизглаголиво, Невесто незаневестена, бидејќи Самиот Бог се облече во мојата природа.

Денес нека се веселат ангелските чинови, со песни нека ликуваат потомците Адамови, зашто се роди Жезолот, кој Го израсна Царот – единствениот Христос, нашиот Избавител.

Денес, со твоето раѓање (Дево), Ева се разрешува од осудата, се разрешува и неплодството, и Адам од древната клетва, зашто, преку тебе, се избавивме од распадливоста.

Слава Ти Тебе, Кој денес ја прослави неплодната (Ана), зашто го роди секогаш расцутениот жезол, од кого, според ветувањето, процвета Христос, Цветот на нашиот живот.

Троичен: Слава Ти, Отче Свети, нероден Боже! Слава Ти, безвремен и Единороден Сине, Слава Ти, божествен и сопрестолен Духу, Кој произлегуваш од Отецот, и во Синот почиваш.

Богородичен: Твојата утроба, Дево, стана носило на Сонцето; твојата чистота остана како и порано неповредена, зашто Сонцето Христос, се јави од тебе како Младоженец од палата.

Катавасија: О, најблажено дрво, на кое се распна Христос, Царот и Господ, со кое падна оној што нѐ заведе преку дрвото забрането, кога се прикова со тело Бог, Кој им дава мир на душите наши.

Песна 6.

Ирмос: Како водите морски, Човекољупче, од брановите на овој живот сум вознемируван. Затоа Ти викам како Јона: Милостив Господи, од распадливоста на животот избави ме.

Иако си посвета од светите, твоите целомудрени родители, Пречиста, те одведоа во храмот на Господа, за да се воспиташ чесно и да се подготвиш за Мајка Негова.

Неплодни жени и мајки, ликувајте! Бездетни (жени), бидете смели и радувајте се, зашто неплодна (жена) ја раѓа Богородица која ќе ја избави Ева од болестите, и Адама – од клетвата.

Го слушам Давида, кој ти пее: Девојки ќе бидат приведени по тебе, во храмот Царев ќе бидат приведени. И јас те воспевам, со Него, како ќерка Царева.

Го воспеваме твоето свето раѓање, го почитуваме и твоето непорочно зачнување, Невесто и Дево, од Бога повикана! Со нас слават ангелските чинови и душите на светите.

Троичен: Во тебе, Пречиста, се воспева и слави тајната на Света Троица, зашто Отецот благоволи и Словото се всели во тебе, а Божествениот Дух те осени.

Богородичен: Златна кадилница си била, Богородице Пречиста, зашто оган во твојата утроба се всели – Словото од Духот Свети, и во човечка природа пред нашите очи се покажа.

Катавасија: Кога Јона ги рашири рацете крстовидно, во утробата на водниот ѕвер, тогаш јасно го прасликуваше спасителното страдање; кога по три дена излезе од него, го наслика општото воскресение на прикованиот Христос Бог со тело, Кој со тридневното воскресение светот го просветлува.

Кондак, самогласен, глас 4.

Јоаким и Ана со твоето раѓање, Пречиста, се ослободија од срамот на бездетноста, а Адам и Ева – од распадливоста смртна. Затоа и празнуваат луѓето твои, избавени од гревовната вина, кога ти пеат: Неплодна ( жена ) ја раѓа Богородица и, на Животот наш – Хранителката.

Икос: Молитвата, заедно со воздишките на Јоаким и Ана, поради неплодноста и бездетноста, Му беа благопријатни на Господа и до Неговите уши дојдоа, и тие на светот живоносен плод му произведоа; додека првиот се молеше на гората, втората за својот срам размислуваше во градината. Но, неплодната со радост ја раѓа Богородица и, на Животот наш – Хранителката.

Песна 7.

Ирмос: Во разгорената печка халдејска, со помош Божја од Духот поросена, младите момчиња пееја: Благословен си; Боже; на нашите татковци.

Го празнуваме; Чиста; и на твоето свето раѓање верно му се поклонуваме; пеејќи Му на твојот Син; преку Кого сега се избавивме од древната осуда Адамова.

Сега Ана се весели и вика фалејќи се: Иако сум неплодна, ја родив Мајката Божја, заради која се разреши осудата Евина, и болката од жалоста.

Адам се ослободи и Ева ликува, и во духот викаат кон тебе, Богородице: Преку тебе се избавивме од првородната клетва, кога Христос се појави.

О стомаку, кој Го смести Бога во себе! О утробо, поширока од небесата, која го носеше Светиот Престол – духовниот ковчег на свештенството!

Троичен: Да ги прославиме Отецот и Синот и Светиот Дух, во единство на Божеството – Троица Пресвета, неразделна, несоздадена, совечна и едносушна.

Богородичен: Ти, единствена, си Го родила Бога преславно, Дево; ти си ја обновила природата со твоето раѓање, Марие! Ти си ја ослободила Ева од првородната клетва, Богородице Пречиста!

Катавасија: Безумната заповед на мачителот ги потресе луѓето; закани и богохулни зборови излегуваа од неговата уста, но гневот ѕверски не ги исплаши трите момчиња, ниту огнената печка, туку во пламенот, кој искреше при росоносниот ветар, тие пееја: Највоспеан Боже на татковците, и наш, благословен си.

Песна 8.

Ирмосː Ти, Кој со вода ги покриваш Твоите горни места, Кој морето со песок го оградуваш, и Кој држиш сѐ, Тебе Те пее сонцето, Те слави месечината, Тебе сета твар песна Ти принесува, како Создател на сѐ, во вековите.

Ти, Кој направи чудеса за неплодната Ана, Кој ја отвори нејзината неродна утроба и плод ѝ даде, Ти, Боже свети, како Син на дева, си примил плот од секогаш– расцутената Дева и Богородица.

Господи, Кој ја затвораш бездната и ја отвораш, Кој ја издигнуваш водата во облаците и даваш дожд, Ти си дал од неплодниот корен на света Ана да израсне пречист плод, и да ја роди Богородица.

Градинару на мислите и на душите наши, Кој неплодната земја богоплодна ја покажа; Ти, порано сувата бразда – света Ана, ја направи родна и богоплодна, за да Го израсне пречистиот плод – Богородица.

Дојдете сите да видиме, како од мала палата сега град Божји се раѓа, Кој низ врата на утробата излегува, без да знае за било какво општењеː Единствено Бог Создателот низ неа помина, како по необична патека!

Троиченː О Троице Света и вечна, Единице собеспочетна! Тебе Те воспева и од Тебе трепери мноштвото ангели; небото, земјата и бездните се восхитуваат; луѓето Те благословуваат, огнот Ти служи; сето создание Те слуша Тебе – Света Троице.

Богородиченː Чудесна новина! Бог (станува) Син на жена! О бессемено раѓање! Мајка без маж, а роденото е Бог! О чудесна глетка! О необично зачнување на девојка! О неискажливо раѓање! Навистина, сѐ е надумно и невидено!

Катавасијаː Млади момчиња, на број како и Света Троица, благословете Го Создателот – Бога Отецот, воспејте Го Словото, Кое слезе и огнот во роса го претвори, и превозносете Го Сесветиот Дух, Кој на сите живот им дава во вековите.

Песна 9.

Ирмосː Туѓо е за мајките девството и необично е за девојките раѓањето деца: на тебе, Богородице, обете се исполнија. Затоа сите племиња земни непрестајно те величаме.

Достојно за твојата чистота, Богомајко, си наследила раѓање преку ветување, бидејќи некогаш на неплодната (жена) ѝ беше дадена како богоизникнат плод; затоа, сите племиња земни, непрестајно те величаме.

Се исполни пророштвото кое вели: Повторно ќе ја издигнам паднатата скинија на свештеникот Давид, која беше твој предобраз, Пречиста, зашто правот на сите луѓе, преку тебе, во тело Божјо се создаде.

На пелените твои им се поклонуваме, Богородице! Го славиме Оној што порано те даде како плод на неплодната (Ана) и на чудесен начин ја отвори утробата на неродната, зашто Он, како семоќен, прави сѐ што ќе посака.

Богородице, која се роди од Ана, ние, како дар, верно ти принесуваме песни: мајките – славословејќи те како Мајка; девојките – како единствена Дева! Тебе ти се поклонуваме, ти пееме и те славиме.

Троичен: Туѓо е за нечестивите да Ја слават беспочетна Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух – семоќ несоздадена, Која целиот свет го одржува, со знак на моќта Нејзина.

Богородичен: Си Го сместила во утробата твоја, Дево Мајко, Едниот од Троица – Царот Христа, Кого што Го воспева сето создание, и од Кого треперат небесните чинови. Него моли Го, Сечиста, да ги спаси душите наши.

 Катавасија: Смртта што човечкиот род ја заработи, со јадење од дрвото (забрането), денес со крстот се уништи, бидејќи клетвата на прамајката на целиот род се разруши, преку Плодот на чистата Богомајка, којашто сите небески сили ја величаат.

 

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (превод и препев од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.