`Сакајќи душата своја за Христа да ја положиш и откако заради Него многубројни мачења претрпе, нечестивиот мачител Тарасиј главата ти ја отсече, но од Христа нетлен венец на главата своја прими, а со душата своја кон возвишените рајски живеалишта поита, кадешто со ангелите и сите свети на Бога слатко му пееш: Алилуја!

Икос 7:

Новиот вечен живот си го попримила, богофална, кога, со мачен крај од телото разделувајќи се, на брак со Небесниот Жених си се вознела. Него непрестано моли Го за нас грешните, кои со љубов твоите страданија ги почитуваме и постојано глаголаме:

Радувај се, маченичкиот живот свој со мачен крај си го овенчала; радувај се, зашто така главата на невидливата змија си ја сотрела.

Радувај се, кон гласот на ангелската песна на небото душата своја си ја вознела; радувај се, соборот на мачениците на небото си го возвеселила.

Радувај се, зашто полкот на испосниците си го зарадувала; радувај се, зашто девствениците со веселба си ги украсила.

Радувај се, на животот испоснички крај маченички си му придодала; радувај се, и нас кон добродетелна ревност си нé поттикнала.

Радувај се, ти што свето и непорочно на земјата поживеа; радувај се, ти што идолската лага ја разурна.

Радувај се, ти што демоните ги посрами; радувај се, во мачителот мисла покајна побуди.

Радувај се, преподобномаченице Христова, Параскево, сеславна!

Кондак 8:

Чудно им е на неверните кога гледаат, како од еден молитвен повик кон твоето свето име, Параскево многустрадална, на болните исцеление им се дарува и нечистите духови од човекот се изгонуваат; од нас грешните кои кон тебе за помош повикуваме и на Бога Му пееме:

Алилуја!…

 

МОЛИТВА кон светата преподобномаченица Параскева:

О, света и многустрадална преподобномаченице Параскево! Кон тебе, како топла молителка за нас кон Бога ти припаѓаме и усрдно ти се молиме, моли Го нашиот Господ и Владика да ја излее милоста Своја врз нас, недостојните слуги Негови, да ни дарува душевно и телесно здравје, плодност на земјата, благорастворение на воздухот, преуспевање во христијанското благочестие, насушното за привемениот живот и сé што е потребно за спасение, та откако ќе поживееме мирно и благочестиво, да се удостоиме да примиме добар христијански крај и наследство на Царството Небесно.

Да, добра наша застапничке!

Не ги изневерувај нашите надежи, зашто по Бога и Пресветата Богородица цврсто на тебе се надеваме, затоа биди ни покровителка на спасението, та со тебе и со сите свети да се удостоиме со радоста на вечното блаженство, за да ја славиме во твоето заземање големата милост на нашиот Бог, Отецот и Синот, и светиот Дух; сега и секогаш, и во сите векови.

Амин!