Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите не е само чудо, со коешто се прослави апостолската Црква, но и настан поврзан со делото на нашето лично спасение.

Светиот Дух го овозможува нашето духовно раѓање. Он ни ја откива тајната на Пресвета Троица.

Педесетницата не завршува со оној празничен ден во Ерусалим што се опишува во книгата на Делата апостолски.

Не! Денот на огнените јазици е само почеток на непрестајното излевање на Духот Божји на човештвото. Тоа е денот на огненото крштение на Црквата, кога и се утврди на земјата Црквата Христова.

Педесетницата продолжува и во текот на сите изминати години до денешниот ден и се совршува над секој од нас, само ако ние вистински се стремиме со сета душа кон Бог и Го бараме Него.

Благодатта на живототворниот Дух Божји, Којшто сѐ исполнува со Себеси, „ризница на блага и на живот Подател“, проникнува во човечките души правејќи ги способни за просветлување.

Со даровите на Светиот Дух човекот се очистува од гревовите, се восовршува и добива можност во себе да го возобнови загубениот образ Божји. Во внатрешниот човек постепено се востановуваат својствата Христови.

Како пример за тоа служат многуте свети угодници Божји.

„Кога Духот Божји доаѓа кај човекот и го осенува со полнотата на Своето присуство, тогаш душата на човекот е преисполнета со неискажлива радост, бидејќи Духот Божји излева радост на сѐ кон што ќе се допре“, поучува преподобниот Серафим Саровски.

И така, гледаме дека од денот на слегувањето на Светиот Дух во светот влегува нова сила со којашто се утврдува царството Божјо во срцето човечко.
Со излевањето на Светиот Дух човекот се преобразува, станува нова твар, се приопштува кон божествениот живот.

Ова чудо на милосрдието Божјо непрестајно се извршува во историјата на Црквата и треба да приведе кон целосно обожение на светот и на човекот.

Но, заради својата немоќ, човекот нема сила постојано да го поминува својот живот во светост. Ние често ги губиме благодатните дарови. Заради тоа, треба често молитвено да Го повикуваме Утешителот, Духот на Вистината да дојде кај нас и повторно да се всели во нас пројавувајќи ги Неговите спасителни дејствија:

„Дојди и всели се во нас… и спаси ги нашите души!“.

+++

СлегувСЛЕГУВАЊЕТО НА СВЕТИОТ ДУХ Од списанието “Премин” посветен на празникот на Слегувањето на Светиот Дух. – фреска во Марков манастир

Подготви М. Даниловска