Често ми поставуваат прашање за болестите – за телесните болести и особено, за душевните болести.

Каков е ставот на Црквата за ова прашање?

Како секој верник поединечно е должен да се однесува кон својата болест и кон болеста на своите најблиски?

Во најголем број случаи, полесно е човек кон својата болест да се однесува со лежерност и мажественост, отколку кон болеста на блискиот кој понекогаш може да страда до неподносливост, приближувајќи се кон својот крај.

Најнапред сакам да кажам нешто за она што е највообичаено – телесната болест.

Болеста, исто како и смртта, од гледна точка на православната вера претставува резултат на отпаѓањето на човекот од Бог.

Бог е хармонија, Бог е живот, полнота, и колку повеќе отпаѓаме од Него, толку повеќе ја губиме нашата способност за живот.

И празнината, што способноста на живот ја остава зад себе, се надополнува со смртноста и можноста за боледување. Во најголем број случаи, сето ова се однесува на сите нас, но постои уште еден момент.

Пред нас може да се постави прашањето: добро, ние сме грешници, боледуваме, тоа е резултат на нашата состојба поради тоа што не сме потполно соединети со Бог, или во секој случај, не сме целосно насочени кон Него.

Но што да се каже за светителите?

Зошто тие боледуваат? Зошто, пак, тие, озарени од Божјата благодат, можат да боледуваат?

Светителот го носи врз себе крстот на целата земја.

Светител е човек што заедно со Христос ги носи сите последици од човековиот грев.

Светителот може да боледува, може да страда, затоа што тој умее да сострадува, да се справи со страдањата и да плаче над страдањето, над огревовеноста, над човечкото отпаѓање од Бог, за сите на земјата.

Кога говориме за болеста, во предвид ги имаме болестите на луѓе што се исти како нас. И што да правиме со овие болести?

Луѓе, „благочестиви“, често ми велат:

„Зошто да одам на лекар? Можам да отидам и да го замолам свештеникот да се помоли за мене или да испросам од него помазување со свето масло“.

Да, можеш. Но зошто да го правиш тоа кога Бог ни дал подостапни, поедноставни средства, кои не ја доведуваат во прашање таа целовитост, таа длабока вера што не бара прибегнување кон Светите Тајни и делувањето на Црквата.

Ќе прашате: кој го рекол ова?

Свети Серафим Саровски вели: „Лекувај се, затоа што Бог го создал и лекарот и лекарствата, и во Негови раце е твоето оздравување“.

И не само тоа, тој повторува дека ова може да се прочита во триесет и осмата глава од Книгата Сирахова. Таму се зборува дека Бог навистина го создал лекарот, ги создал и лекарствата и му дал власт на лекарот да исцелува.

Во неа е кажано уште нешто, кое е многу важно: пред да се оди на лекар, во текот на сето време што ќе ти треба за да бидеш излекуван по природен пат, барај покајание, барај духовно очистување.

Болеста е поврзана, од една страна, со сеопштата судбина на човекот, со неговото заслабнување, со самото тоа што сме смртни и потпаѓаме под страдањето и болеста, а од друга страна, со таа состојба на душата што владее во нас.

Она што е карактеристично во Светото Писмо е описот на човековата судбина по падот: постепено, во човековиот род се населува смртта.

Смртта дошла, но луѓето живееле долго.

Доколку се погледне родословот на човештвото, должината на животот се намалувала зашто луѓето слабееле, нивната врска со светот станувала подлабока, и смртта сѐ повеќе и повеќе завладувала над нив. Повторно ќе се вратам на ова, но сега сакам да кажам уште нешто.

Кога човекот ќе се разболи, на почетокот тој е должен, пред сѐ, да влезе внатре во себе и таму да си го постави прашањето:

колку навистина тој е далеку од Бог, каква неправда има во својот однос со ближниот, со самиот себе, колку навистина го осквернува и нагрдува образот Божји што е втиснат во него?

Истовремено, тој е должен смирено, без да се надева дека со силата на своето чудесно покајание ќе умее да ја победи телесната болест, да оди кај лекарот и да го трпи неговото лекување.

Митрополит Антониј Сурошки