Светиот славен великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј

Утрена

Тропар, глас 4.

Како ослободител на заробените и заштитник на бедните, лекар на болните, заштитник на царевите, победоносецу, великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога, да ги спаси душите наши.

Кондак, глас 4.

Обработен од Бога, ти се покажа како најчесен градинар на верата, и снопови од добродетели собра за себе; откако посеа во солзи, жнееш со веселба; а за борбата што до крв ја водеше, за награда Го прими Христа, и со твоите молитви на сите им даваш прошка на гревовите.

Икосː Од љубов кон Царот Христа, Кој за живот на светот душата Своја ја положи, воинот Георгиј брза да умре за Него. Имајќи во срцето ревност голема и божествена, тој самиот себе се приведе. Затоа и сите ние овој божествен маченик, со вера да го воспееме како топол застапник, како славен Христов слуга, кој јавно на својот Господар Му се уподобува и приоѓа секому што му се обраќа; оти тој секогаш брза и Го моли Спасителот, на сите да им даде прошка на гревовите.

Хвалитни стихири, глас 2.

Дојдете сите вие што го славите сепразничното, светло и славно Воскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволите и од гревовите.

Ти целиот си се принел себе како жив и одушевен плод и како жртва благопријатна и пречиста на Оној што ти даде сецелосен живот, себлажени! Затоа си бил најтопол молитвеник, избавувајќи ги од бури сите оние што ти пеат со вера, маченику, и те призиваат, Георгие.

Откако грижливо го израсна семето на зборот, насеано во чистата твоја душа, си го умножил со болките на страдањето и, премудро положен во небесните житници, си нашол негнилежна наслада. Со него сега наситувајќи се, блажени, спасувај ги оние што ти пеат со вера, со твоите кон Бога молитви.

Маченику Христов, страдалнику, спаси ги оние што се во напасти, со твоите молитви избавувајќи ги од секаква беда и, изгонувајќи секаква лута душегубна тага, благодат и милост за нас испроси ни; та, спасени со твоите молитви, радувајќи се, сите да ги почитуваме твоите чесни подвизи, Георгие.

 

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – август (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви Светланка Трајчева