Авва Агатон:

Поуки – Горделивиот и гневен човек, дури и мртви да воскреснува, Бог не го прифаќа.

+++

Простете ми, мислам дека нема поголем труд од молитвата кон Бога. Кога и да посака човекот да се моли и непријателите сакаат да го прекинат во тоа, бидејќи знаат дека ништо не може да ги сопре освен молитвата кон Бога.

И каков било живот да води човекот, живеејќи цврсто (истрајно), стекнува спокојство, а молитвата бара борба до последниот здив.

Молитвата без расеаност е најголема христијанска добродетел. Демоните на ништо не се гневат така како на молитвата. Затоа тие прават сѐ за да го оддалечат човекот од молитвата и да му внесат расеани мисли во неговата душа за време на молитвата.

Без исполнување на Божјите заповеди, ниту малку не може да напредуваме во духовниот живот.

Без воздржување, човекот не може да нaпредува во ниту една дободетел.

Монахот не смее да ѝ дозволи на својата совест да го обвинува за било какво дело.

Никогаш не сум заспал имајќи нешто против некој, ниту сум оставил некого да заспие имајќи нешто против мене, ако сум имал можност за тоа.

Горделивиот и гневен човек, дури и мртви да воскреснува, Бог не го прифаќа.

Ако постои некој кого многу го љубам, а сфатам дека тој ме води кон грев, го отсекувам од себе.

Од лошиот другар кој те наведува на зло бегај како од оган.

Секој миг човековото внимание треба да е насочено кон Божјиот суд.

Кога би било можно да најдам некој, кој боледува од краста (инфекција на кожата) и да му го дадам своето тело, а да го земам неговото, би бил среќен. Бидејќи, тоа би била совршена љубов.

Некој брат го прашал авва Агатон за блудот, а тој му одговорил: Оди, положи ја својата немоќ пред Бога и ќе најдеш мир.

Кога ќе видел нешто, а неговата помисла сакала да осуди, си велел: Агатон, немој тоа да го правиш. И така му се смирувала помислата.

Некој брат му рекол на Старецот: Добив заповед (послушание), а каде што е заповедта таму е и борбата со искушението. Значи, сакам да ја извршам заповедта, а се плашам од искушенијата.

– А авва Агатон му рекол: Кога тоа би бил Агатон, тој би ја извршил заповедта и би го победил искушението.

Го прашале авва Агатон: Што е поголемо: телесниот труд или воздржанието од она што е внатре во човекот? – А Старецот одговорил:

Човекот е сличен на дрвото. Односно, телесниот труд се лисјата, а воздржанието од она што е внатре е плодот. Бидејќи, според она, што е напишано дека „секое дрво кое не раѓа добар род се сече и се фрла во оган“, јасно е дека треба да се трудиме околу плодот, односно за воздржување на умот.

Но, потребна е и прекривката, украсот од лисја, а тоа е телесниот труд.

Авва Агатон бил мудар во расудувањето, неуморен во телото, задоволен од сѐ, како од ракоделието така и од храната и облеката.