Ѓаволот има голема моќ, но неговата моќ е оградена со силата на Божеството, зашто таа го задржува да не може да прави повеќе зло, отколку што му е дозволено од Бога.

Како што вели апостол Петар:

„Голем е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите (1 Кор.10,13.

Значи, немој да речеш дека ѓаволот нема моќ!

 

Бидејќи, ако Бог му дозволи, ќе видиш тогаш што би ти направил! Гледаш, кај Јов што направи за еден час?

Затоа, да не се молиме:  „Господи, дај ми дар на чудеса“, или нешто друго. Туку да речеме:

„Господи дај ми простување на гревовите, дај ми смирение, дај ми трпение, дај ми страв кон Тебе, дај ми двојно трпение во неволјите, за да Ти благодарам за се`!

Тоа да го бараме, а не големи дарови. Бидејќи ако човекот земе големи дарови пред време, тоа го води во гордост.

Како што кога на малечко дете би му се дал голем накит, нешто скапоцено, тоа не би можело да го чува, туку, ќе го фрли. Затоа човекот премногу полека го здобива дарот на Светиот Дух, бидејќи подоцна не умее да го цени. Треба да се задоволиме со својата немоќ.

НА БОГА МУ Е ПОДОБАР СМИРЕНИОТ ГРЕШНИК, ОТКОЛКУ ГОРДИОТ ПРАВЕДНИК!

Знаеме како фарисејот се молел во црквата. Ни го покажува тоа Евангелието.

Фарисејот, фалејќи се, се гордеел со добрите дела:

Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубници или како овој митник. Постам два пати во седмицата, давам десеток од се` што придобивам (Лука 18. 11 – 12).  Но, не се наситил со својата гордост, со фалбата, со своите дела, туку уште и осудувал:

или како овој митник, како овој даночников што стои на врата.

Гледате ли како гордиот го клевети другиот!

Цариникот, пак, стоејќи во црквата, знаел дека прави многу неправда, се удирал во градите, велејќи:

БОЖЕ, БИДИ МИЛОСТИВ КОН МЕНЕ ГРЕШНИОТ!

Ви велам дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној (Лука 18. 13 – 14). И бил, пред фарисејот.

Овде е покажано дека гордиот праведник, пропаѓа, а смирениот грешник, се спасува.

Што вели за ова свети Ефрем Сирин?

„Направи си човеку две коли!

На едната во јарем ставија ПРАВДАТА СО ГОРДОСТА, а во втората СМИРЕНИЕТО СО ГРЕВОТ. И  ќе видиш дека порано во Царството небесно ќе влезе небесното смирение со гревот, отколку , доброто дело со гордоста“.

Гордиот паѓа, а смирениот се возвишува. Да, се смирив и се спасив!

Денес, кога монасите повеќе не живеат во пустината и кога се` повеќе верници доаѓаат во манастирите за да се молат, за да се утешат духовно и да примат поучно слово, да го соединиме, да го соединиме безмолвието со евангелската љубов.

Да ги чуваме двете, бидејќи не си противречат меѓусебно. Но, со многу прибраност и смирение.

Денес е најдобро, како и секогаш, да не го оставиме нашиот монашки поредок на молитвата, тихувањето, послушанието, воздржувањето на сетилата, чистотата и сиромаштијата поради љубовта Христова. Сето тоа ни помага во обестрастувањето и спасението, духовно не` подига и не` прави достојни на Светињите и корисни на верниците кои доаѓаат во манастирите.

Значи, прилега на младите монаси, новоначалните, љубителите на безмолвието, великосхимниците и старите отци, повеќе да го одберат тихувањето, послушанието, црквата, келијата и осамеништвото.

А, духовниците, откако одредени да ги утешуваат мирјаните, свештенослужителите кои имаат дар на слово, се должни да стојат пред верниците, со сета љубов да ги ислушаат нивните неволји, да ги советуваат, да се молат за нив и духовно да ги утешуваат, бидејќи тоа е и намената на нашите манастири и само така сме ја одржале верата чиста во Бога и во единството на родот.

Така правеа и нашите отци.

Но, молитвата, црквата и послушанието да не изостануваат, бидејќи Бог на љубовта, тогаш, секогаш ќе биде со нас.

Но сатаната има обичај оние кои што стојат пред мирјаните да ги напаѓа со потешки искушенија отколку останатите монаси, затоа што повеќе немаат толку време за молитва и безмолвие; особено се искушувани со расеаност на умот, развратни помисли, празна слава, стомакоугодување и среброљубие. И ако не се исповедаат чисто и почесто, ако не обрнат внимание на себе и се насладуваат со злите страсти, тогаш лесно паѓаат во гревови на смрт.

Токму затоа им е потребна многу грижа во овој поглед за оние кои стојат пред верниците, да не бидат љубители на фалби, ниту на уживање, ниту на јадење, ниту за имот, бидејќи мнозина пастири на душата паднаа и себеси се осудија поради овие причини.

Свети апостол Павле, знаејќи колку ревност му ја потребна на оној кој на другите им го проповеда Словото Господово, за себе вели:

Туку го испитувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден ( 1Кор.9,27).

Тој го мачеше своето тело со пост, со сеноќни бденија, со ракоделие и молитва, за да не падне, да ги соблазни обратените во Христа.

Исто така и Мојсеј. Најнапред се молеше, а потоа го учеше народот. Бог ми заповеда на Мојсеј седумкратниот свеќник да биде излеан од едно парче и со чекан искован, за да ни покаже дека оној што сака да биде светлина на другите, треба да биде совршен и проверен од ударите на искушенијата.

Само така оној што ги учи другите „ќе може и на искушуваните да помогне“ (Евр. 2,18), како што вели светиот апостол Павле.

Пренесено од: Старец Клеопа – ГОЛЕМ Е БОГ

Подготвил:

М. Даниловска