Подражување на Апостолите

Писмо на свети Златоуст на монахот Димитриј

На толкава висина го крена Павле својот копнеж кон Христа; а ние, на кои ни е заповедано да го подражуваме Него (види 1 Кор. 11, 1), не ги поднесуваме добродушно ниту овдешните тешкотии, туку тагуваме и роптиме, не помалку од оние обземени со горуштица.

Долга е таа болест, која ги зафатила душите наши и од долготрајноста станала наизлечива, така да кажеме, па за совршено здравје ние не можеме дури ни да помислиме, туку ни се чини дека стекнувањето на тоа здравје ни е невозможно.

И кога ќе чуеме дека некој укажува на апостолите и говори за нивните подвизи, ние тогаш, наместо да заплачеме над себеси, затоа што сме отстапиле од нив, не го сметаме тоа (отстапување) ниту за грев, туку сметаме за себе дека за нас е невозможно да се воздигнеме на таа висина.

А ако некој праша за причината (т.е. зошто е тоа така), тогаш изнесуваме неразумно правдање, говорејќи:

“Тоа беше Павле, тоа беше Петар, тоа Јован”.

Штo значи: тоа беше Павле, тоа беше Петар?

Немале ли и тие, кажи ми, иста природа како и ние?

Не доспеале ли во животот по истиот пат, како и ние?

Не се хранеле ли со иста храна? Не дишеле ли ист воздух?

Не се служеле ли со исти предмети? Немале ли некои од нив и жени и деца, а други световни занаети, а други пак упаѓале во самото гротло на злото?

Но, ќе рече некој, тие имале голема благодат Божја! Така, ако би ни било заповедано мртвите да ги васкреснуваме или на слепите очите да им ги отвораме или да ги чистиме губавите или хромите да ги исправаме или демони да изгонуваме или други болести да лекуваме – тогаш умесно би било таквото наше правдање.

Но, ако сега се бара строгост на животот и покажување на послушност (кон Законот Христов), тогаш како спрема тоа оди правдање?

Зашто, и ти на крштението си ја добил благодатта Божја и си постанал причасник на Духот Свет, ако и не толку да правиш чуда, сепак толку колку што е потребно за правилен и честит живот; така што таа наша развратност доаѓа единствено од нашиот немар (од нашата лекомисленост).

А Христос на Денот (на Судот) нема да дава награди на оние кои правеле чуда, туку на оние кои ги исполнувале заповедите Негови. “Дојдете”, ќе рече, “благословени од Отецот мој, примете го Царството кое ви е подготвено од постанокот на светот” (упор. Мт. 25, 34), не затоа што сте правеле чуда, туку затоа што:

“Огладнев и ми дадовте да јадам; ожеднев и ме напоивте; странец бев и ме примивте; гол бев и ме облековте; болен бев и ме посетивте, во зандана бев и ми дојдовте” (Мт. 25, 34-36).

Ни во Блаженствата (види Мт. 5, 3-12) никаде не ги спомнува оние кои прават чуда, туку само оние кои водат праведен живот.

И така, иако сега благодатта се смалила, сепак тоа ништо не може да ни штети, ниту да му послужи на нашето оправдување кога ќе даваме одговор за делата (кога ќе полагаме сметка за стореното).

И ние на тие блажени (апостоли) не им се восхитуваме заради чудесата, бидејќи чудесата во потполност зависеле од силата Божја, туку затоа што тие покажале ангелски живот; а тој живот, при помошта одозгора, е дело и на нивната лична усрдност.

И тоа не говорам сега јас, туку сум подражител Христов (Павле). Кога тој во посланието до учениците ги побил лажните апостоли и сакал да ја покаже разликата меѓу чистото и нечистото служење, тогаш не укажал на чудесата, туку на своите подвизи, вака говорејќи:

“Слуги ли се Христови? Како безумен говорам, јас сум уште повеќе: повеќе сум се трудел, повеќе бој сум поднел, повеќепати сум бил во зандана, во смртта многупати сум бил (многупати сум доаѓал до страв смртен); Од Јудеите сум примил петпати по четириесет минус еден удар;

Трипати сум бил камшикуван, еднаш каменуван, трипати сум имал бродолом, ноќ и ден сум поминал во длабочината морска; Многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од ајдуци, во опасност од роднини, во опасност од незнабошци, во опасност во градот, во опасност во пустината, во опасност на море, во опасност меѓу лажни браќа;

Во труд и подвиг, во многу бдеења, во глад и жед, во многу постења, во зима и голотиња. Освен надворешните напасти мои секој ден и грижата за сите Цркви: Кој ќе ослаби и јас да не ослабам? Кој ќе се соблазни и јас да не горам?” (упор. 2 Кор 11, 23-29).

Затоа јас им се восхитувам на апостолите; а без тоа оние, кои добиле по домостројот Божји власт на чудотворство, не само што не би заслужиле восхитување, туку дури би биле и отфрлени, како што покажува и Христос кога говори:

“Многумина ќе ми речат на оној ден:

Господе, Господе, зарем не пророкувавме во Твое име и со Твоето име демони изгонувавме и со Твоето име многу чуда творевме?

И тогаш јас ќе им кажам (исповедам): никогаш не сум ве знаел; одете од мене вие, кои правите безаконие” (упор. Мт. 7, 22-23).

Затоа Он и на учениците им кажал:

“Не радувајте се што демоните ви се покоруваат, а што имињата ви се напишани на небесата” (упор. Лк. 10, 20). Зашто, праведниот живот и без чудесата ќе добие венци и ништо тогаш нема да изгуби; а беззакониот живот и со чудесата нема да ги избегне казните.

И така, тоа правдање што го кажавме, (т.е. дека не сме како апостолите), тоа е неумесно и не само неумесно, туку дури и опасно и на многу еретици им дава повод за осуда.

Ако тие (т.е. апостолите) станале достојни за восхитување, не по својата сопствена воља, туку единствено по Христовата благодат, тогаш што нè спречува и сите нас да станеме такви?

Благодатта, ако најнапред не би ја барала нашата соработка (ако не би зависела од нас), тогаш одеднаш би се излеала во душите на сите луѓе – затоа што Бог не гледа на лицата (не е пристрасен), но бидејќи таа ја бара и нашата соработка (зависи од нас), тогаш на едни им следува и пребива во нив, од други се оддалечува, а во останатите никако и не се симнува.

А бидејќи уште пред блажениот Павле да стори било што прекрасно, Бог, знаејќи го од почетокот неговото расположение, веќе му ја има наменето благодатта, познај од тоа што Бог говори за него:

“Тој е сосад мој избран, да го изнесе името мое пред незнабошците и царевите и синовите Израилови” (Дап. 9, 15).

Така Бог, кој ги испитува срцата наши, засведочил, уште додека во Павле сè уште немало благодат.

Затоа, возљубени, да не се обмануваме себеси и да не говориме дека никој не може да биде како Павле.

Што се однесува до благодатта и чудесата, друг Павле секако веќе нема да има, а што се однесува до строгоста на животот, секој кој сака може да биде таков; а ако нема такви, тоа е единствено затоа што не сакаат.

Превод: Мина Даниловска