KOJ E ВИСТИНСКИОТ БОГОСЛОВ

Кој е вистинскиот богослов? Дали е богослов само оној кој прочитал многу богословски книги и е информиран во врска co соодветната библиографија?

Таквиот личи, на пример, на микробиолог кој прочитал многу книги од својата наука, но никогаш не употребил микроскоп, ниту извршил лабораториски анализи. Во сите позитивни науки, оној чиј збор има важност и е авторитет во својата наука е секогаш човекот кој има опит на објектот или феноменот на кој се осврнува и го проучува. Значи, тоа е оној кој го има опитот на опсервацијата и ги разбира појавите што ги опсервира.

Bo светоотечката терминологија тој опит на опсервација на енергиите на Светиот Дух се нарекува созерцание. Првото скалило на созерцанието е опитот на молитвата што Светиот Дух ја врши во срцето на човекот.

Co молитвата, кога е активирана од благодатта на Светиот Дух, почнува да се втемелува внатрешната вера во човекот. Преку овој опит на благодатта на Светиот Дух христијанинот започнува да Го гледа Бога, да Го запознава Бога. Христијанинот, имајќи ја помошта на благодатта на Светиот Дух, а Стариот и Новиот Завет и Отците на Црквата како раководители, може и самиот да врши правилно толкување на Светото Писмо и да се вдлабочува во изразите и поимите на Светото Писмо и на светоотечките текстови.

Bo одредени случаи христијанинот може повремено да се издигнува во повисоки стадиуми на созерцание, на пример, во озарување или, кога сака Бог, во учество во несоздадената Светлина, односно во обожение.

Од светоотечки аспект богослов е оној кој стигнал до обожение, бидејќи тогаш станува незаблуден, при што може да богослови без страв да падне во заблуда. Значи, според светите Отци, богослови се само боговидците.

Називот богослов Црквата им го дала на многу малку Отци, иако многумина светители богословеле. Оние кои богословат се разликуваат од богословите во тоа што достигнале само до состојба на просветлување, односно до состојба на непрестајна срдечна молитва.

Тие, бидејќи просветлени од благодатта на Светиот Дух можат да богословат за опитот на обожените, без самите да произведуваат ново богословие.

Се разбира, постојат и оние кои богословат интелектуално, а тие богословат затоа што прочитале некои богословски книги. Ова го забрануваат Отците на Црквата.

Пренесено од книгата “Светоотечко богословие” од протопрезвитер Јован Романидис