По Своето воскресение, Христос им се јави на жените мироносици и на Своите ученици.

Некои се прашуваат зошто Христос не им се јавил на сите луѓе, а особено на Своите распнувачи и на оние кои го одрекуваа Неговото воскресение, за да ги натера да поверуваат во Hero?

Кога некој ја познава суштината на православната теологија, тогаш не може да поставува такви прашања, затоа што јасно знае дека јавувањето на Христа никогаш не се случува заради гледање или заради принудување на човекот. Јавувањето Божјо има одредена цел и длабока причина.

Најпрво треба да се нагласи дека Христос не сака никого да принуди да поверува.

Потоа, јавувањето Божјо е еден критичен момент во животот на човекот. Во другиот живот, при Второто Христово доаѓање, сите ќе Го видат, но за подготвените и за очистените Бог ќе биде светлина, а за нечистите ќе биде пекол. Тоа би се случило и во овој случај. Затоа Бог од љубов и човекољубие не им се јавил на оние кои Го одрекуваа и кои Го распнаа.

Јавувањето на Христа во слава се случува само и единствено за да ги одведе оние кои се имаат соодветно подготвено кон обожување и кон прославување. Учениците биле подготвени, па затоа Христос малку пред да биде подложен на страдање, рече: вие сте веќе чисти преку словото што ви го кажав (Јн. 15,3).

Учениците, слушајќи го словото Божјо, поучувајќи се во тајните на Царството Небесно и изгонувајќи демони, три години минувале низ процесот на очистување. Притоа станале соодветни за обожувањето и приемчиви за учеството во благодатта на Воскресението.

Но пак, како што ќе видиме подолу, и co Своето јавување пo Воскресението ги подготвува за нивниот влез во големиот степен на обожувањето и созерцанието, што требало да се случи на Педесетница.

Меѓутоа, Христовото јавување на учениците по Воскресението не бил настан само за нив, бидејќи знаеме дека оние кои минуваат еден соодветен степен на исцеление и очистување се удостојуваат да учествуваат во Христовото Воскресение и да Го видат Воскреснатиот Христос.

Во овој случај треба да го видиме и случајот на апостолот Павле, кој ја има сигурноста дека и нему му се јавил Воскреснатиот Христос. А пo cитe, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче (I Kop. 15,8).

Познато е дека апостолот Павле за време на Воскресението бил Јудеец ревнител, кој кон Христа се обратил по Педесетницата, и затоа самиот тој во овој случај се осврнува на јавувањето на Воскреснатиот Христос пo Вознесението и пo Педесетницата.

Овој случај покажува дека гледањето на Воскреснатиот Христос не е независно од духовната состојба на човекот и, секако, дека тоа продолжува во целокупниот живот на човештвото. Секогаш низ вековите постојат сведоци на Христовото Воскресение.

Значајно е дека Воскреснатиот Христос први го виделе жените мироносици.

Апостолите, уплашени од претходните настани, се затвориле во куќата, а жените co љубов, co топлина и co храброст, уште пред добро да се раздени, отишле на гробот за да го помажат Христовото тело co мириси. He се уплашиле ниту од темнината, ниту од пустелијата, ниту од војниците. Тоа значи дека за да се удостои некој да Го види Воскреснатиот Христос, потребно е да има љубов и храброст.

Првото Христово јавување на жените мироносици има и најдлабока богословска смисла, како што го анализира тоа светиот Григориј Палама.

Светителот учи дека Христовото Воскресение е обновување на човечката природа и оживување, пресоздавање и враќање во бесмртниот живот на првиот Адам. Првиот Адам, по неговото создавање прва го виде жената, затоа што во тој час немало никој друг да го види, бидејќи Ева е создадена по него.

Така и новиот Адам не Го видел никој кога излегол од гробот, a малку потоа први Го виделе жените.

Ha тој начин мироносиците станале евангелисти на евангелистите и апостоли на апостолите. Тоа има и едно друго значење. Ева беше онаа која ја донесе пораката за падот на Адам, а сега жената е таа која им ja носи на апостолите пораката за Воскресението.

Ha тој начин го имаме и повторното воспоставување на женската природа, бидејќи никој не може да ја обвини за престапот и за падот. Коментаторот Никита прави и други забелешки во врска co имињата на жените мироносици, кои одговараат на нивниот личен живот и го покажуваат начинот што треба да го применуваме и патот што треба да го следиме за да Го видиме Воскреснатиот Христос.

Марија Магдалина, од која Христос изгони седум демони, ја означува онаа душа која се очистува од демоните co зборовите на евангелските заповеди. Саломија, чиешто име се преведува како мир, го означува оној човек кој го стекнал внатрешниот мир, откако ги победил страстите, го потчинил телото на душата, и го стекнува, преку созерцанието и преку духовните поимања, познанието.

Јоана, чиешто име значи голубица, ја симболизира душата што е незлобива и плодна co добродетели, која ја отфрлила секоја страст co кротоста и Koja e топла за да ги раѓа духовните поимања co духовно расудување.

Кога човекот се одликува co овие состојби и се доближува до гробот на своето срце, тогаш ќе го види каменот на нејаснотијата на зборовите како се подига, ќе ги види ангелите, т.е. својата совест, како го известуваат дека во него воскреснал умртвениот логос на добродетелта и на познанието, но уште и ќе се удостои да го види јавувањето и на Самиот Логос Божји во умот, без обрасци и симболи.

Тоа значи дека е потребно очистување за да се удостои некој да My се поклони на Воскреснатиот Христос и за да го слушне словото на воскресението.

Пренесено од книгата “Господовите празници” (Воскресение Христово) од Митрополит Јеротеј Влахос

Подготви Мина Даниловскa