Всушност, влезе во владеењето на ѓаволот за да ја поништи (смртта). Во следните редови поаналитички ќе се позанимаваме co причините поради кои Христос слезе во Адот.

Прво, како што кажавме досега, го направи тоа за да ги урне вратите на Адот, всушност, за да ги поништи смртта и моќта на ѓаволот. Овој настан беше пророкуван во Стариот завет.

Пророкот Давид рекол: „зашто Он ги здроби бакарните порти и ги скрши железните резиња” (Пс. 106, 16).

А пророкот Исаија ги прикажува Божјите зборови: „Пред тебе ќе одам, планини ќе рамнам, бакарни врати ќе разбивам и железни резиња ќе кршам” (Ис. 45, 2).

Светиот Јован Златоуст, толкувајќи го овој настан, нагласува дека не рекол оти ги отворил железните врати, туку дека ги урнал за да го направи затворот неупотреблив.

Ниту рекол дека ги одврзал оковите, туку дека ги смачкал, за да се покаже затворот бессилен, затоа што таму каде што нема врата, ниту оков, таму и да влезе некој, не може да биде задржан. Кога Христос уништува и распарчува нешто, тогаш никој не може тоа да го поправи.

Второ, слезе во Адот за да завладее и да го пороби ѓаволот, кој тогаш бил началник на смртта и на Адот. Впрочем, Самиот за време на Својот живот учел дека не може никој да влезе во куќата на силниот за да ограби и да опустоши, ако претходно не го врзе силниот (Мт. 12, 29).

Така, значи, co Своето слегување во Адот, Христос го врзал ѓаволот, што значи дека тој нема веќе никаква власт над луѓето.

Трето, Христос слезе во Адот за да исполни се’ co светлината на Својата Божја природа. Апостолот Павле прикажува едно такво учење, кога вели:

„А, што означува издигајќи се, ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата. Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни се’” (Ефес. 4, 9-10).

Така, Христовото слегување и во најдолните места на земјата се случи за да се исполни се’ co Неговата светлина и, всушност, за да се поништи моќта на смртта. Секако, треба да се прави разлика дека едно е Божјото дејство кое исполнува се’, а друго е обожителната енергија Божја во која учествуваат само обожените.

Светиот Григориј Богослов вели дека требало да се најдат поклоници на Бога не само горе, туку и долу, за да се исполни се’ co славата Божја. Во таа перспектива се и напишани тропарите на нашата Црква:

„За да исполниш се’ co Твојата слава, Си слегол во најдолните места на земјата”.

 

А светиот Јован Дамаскин пее торжествено: „Сега се’ се исполни co светлина, небото и земјата и подземјето. Секое создание нека го празнува Христовото Воскресение, во кое се утврди”.

Четврто, Христос слезе во Адот за да се повтори и да се изврши и таму она што се изврши на земјата.

Како што на земјата го проповедаше мирот, им даде отпуштање на гревовите на грешниците, им даде светлина на очите на слепите и стана причина за спасение на оние кои поверуваа, но и изобличување на неверието на оние кои не поверуваа, истото требаше да се случи и во Адот, каде што беа душите на оние кои умреле, та целокупната човечка природа, целото човештво да ја слушне искупителната порака на Христа.

Како што на оние кои живеат на земјата им изгреа Сонцето на правдата, така и на оние кои живееја во мракот и во смртната сенка требаше да им блесне Божјата светлина (свети Јован Дамаскин).

Пренесено од книгата “Господовите празници” (Воскресение Христов) Митрополит Јеротеј Влахос

Подготви Мина Даниловска