Кога се молиш, обиди се молитвата да допре до твоето  срце; со други зборови, потребно е срцето да го чувствува она што го зборуваш во твојата молитва, да го посака благословот којшто го бараш…

Набљудувај, за време на молитвата, дали твоето срце е во согласност со она што го велиш (Св. Јован Кронштатски). Бог го слуша не нашиот глас, туку нашето срце.

Он не треба да се притиска со извици, бидејќи Он ги гледа нашите мисли (Св. Кипријан Картагински). Душата на молитвата е внимателноста. Како што телото без душа е мртво, така и молитвата без внимание е мртва (Св. Игнатиј Брјанчанинов).

Треба да се молиме со постојано и будно внимание. А тоа ќе биде можно ако ние добро разбераме со Кого разговараме, и дека за тоа време ние сме Негови слуги, кои Му нудат жртва на Бога.

Треба да се молиме со покајание, со солзи, со почит, со ведрина и голема смиреност. Нашите гревови не треба да нѐ спречат да се молиме. Ние треба да се срамиме од нашите гревови, но тие не треба да нè спречуваат во нашите молитви.

Иако си грешник, пријди кон Бога со молитва, за да можеш да се помириш со Него; дај Му можност да ти ги прости гревовите, а и ќе ти ги прости, само за да ја открие Својата љубов кон човештвото (Св. Јован Златоуст).

Исто како што секоја добродетел има соодветен резултат, така и молитвата како резултат го има очистувањето на умот и просветлувањето… Со молитвата, божествената благодат станува активна и овозможува решенија за проблемите и испитувањата кои ги мачат верните (Старец Јосиф Ватопедски).

Не брзај ги молитвите една по друга, туку кажувај ги со уредно размислување, како да се обраќаш кон некоја голема личност за услуга.

Не внимавај само на зборовите, туку дозволи умот да биде во срцето, стоејќи пред Господа во целосно сознание за Неговото присуство, во целосна свесност за Неговото величие, благодат и правда …“

(Св. Теофан Затворник).

Маран Ата