Еден брат некое време се молел умно, изговарајќи ја молитвата „Господе Исусе Христе, помилуј ме”, така како што учи свети Никодим Светогорец во својата книга „Невидлива борба”.

Еднаш кога отишол во црквата „Св. Герасим” каде служеше Старецот, тој му рекол на братот:

„Слушај, чедо мое, ќе престанеш така да се молиш и ќе почнеш да се молиш така како што јас ќе ти кажам сега.

Треба да поминеш од срцето во главата, и тоа точно тука, во внатрешниот средишен нејзин дел и тука да ја кажуваш молитвата: Господе Исусе Христе, Сине и Логос на Бога Живиот помилуј ме’, или ‘Господе Исусе Христе помилуј ме’, и тоа изговарај го многу мирно, нежно и слатко.

Нека не те вознемируваат разните слики кои ќе ти ги прикажува лукавиот, а немој ни да брзаш додека ги изговараш зборовите од молитвата, туку внимателно следи ја нивната смисла. Тоа е како тука, во внатрешното средиште на твојата глава, да ѕвони големо ѕвоно од кое јачат внатрешните комори на твојот мозок.

Така помислите кои ти ги праќа лукавиот не можат да допрат внатре, зашто ќе бидат исфрлени. Од тоа добиваш најголема можна благосостојба. Не обрнувај внимание на разните слики кои ќе ги видиш. Немој веднаш да ги отфрлаш, туку мирно и кротко продолжи да ги изговараш зборовите на молитвата”. И тогаш Старецот и самиот три пати ја кажа молитвата така убаво и слатко што братот самиот себеси си рече: „Неверојатно би било Бог да не помилува човек кој така се моли”.

На братот, се разбира, од почеток му било тешко, посебно поради промената на начинот на молитвата, да се моли по упатствата на Старецот, но се трудел и се’ уште се труди да биде што поуспешен во тоа, а и прочитал во еден годишник на општожителски манастир на преподобен Григориј од Света Гора дека постојат осум облици на молитва и дека тоа што го научил Старецот е еден од повисоките облици на кои требало да премине.

Овде не треба да заборавиме дека во овој случај се работело за личност со длабока духовност, зашто на другите Старецот им давал други совети, а ваквите упатства целосно се разликуваат од личност до личност и Старецот ги дава врз основа на своето расудување и не можат просто да се пресликуваат на други луѓе. Јас овде индикативно ја изнесувам поуката која се однесува на облици на умносрдечна молитва, а кое го содржи наведеното издание, на страна 30:

I Усна молитва

II Умна молитва

III Умна молитва од срцето

IV Срдечна молитва „која сама се движи од срцето”

V Внатрешна (доживеана) молитва

VI Чиста молитва

VII Духовна молитва, а тоа значи молитва која ги преминува границите на свеста

VIII Осмиот облик на молитва, свети Исаак Сириски не ја нарекува молитва, туку „духовно видување”, за што зборува и свети апостол Павле кога го споменува своето вознесување на третото небо и свети Максим Капсокаливит во дијалогот за молитвата кој го води со свети Григориј Синаит.

Кога ги споменуваме облиците на молитва, се продолжува понатаму во поуката за молитвата, треба да сфатиме дека не можеме да разликуваме еден облик од друг.

Следствено на тоа, преминот од еден облик на молитва во друг се случува неусетно и природно, како што детето со времето станува момче, па зрел човек и на крајот старец. Човек не може да каже точно во кој момент преминал од едно животно доба во друго.

Пренесено од книгата “Срце за целиот свет” од старец Пајсиј, старец Порфириј и старец Тихон