Поздравете се еден со друг со свет целив.

1 Коринтјаните 16,20

1.

Во современиот чин на литургијата возгласот „Да се возљубиме еден со друг!“ трае толку кратко што не можеме ни да го чуеме вистински – да го чуеме не само со надворешното, туку и со внатрешното уво. Денес тоа за нас е само еден од возгласите што му претходат на Символот на Верата. Но, порано не било така. Од литургиските сведоштва за раната Црква знаеме дека по овој возглас навистина се вршел целив на мирот во кој учествувала целата Црква, целото собрание.

„Кога настапува времето на возгласот за заемно примање на мирот“, пишува св. Јован Златоуст, „сите се целиваме”. И „клериците го поздравуваат епископот, лаиците – мажите мажите, жените жените…” (Беседа за Второто послание на Коринтјаните). Овој обред е до ден-денес зачуван во литургиската практика на несторијанците, Коптите и на Ерменците, кои не биле изложени на доцновизантиски влијанија и затоа често подобро ги одразуваат постарите облици на евхаристиската служба. А овој обред не е само евхаристиски, затоа што целивот на мирот бил важен и неотуѓив дел од целата христијанска богослужба. Така, целивот се вршел по крштевка, кога епископот го целивал миропомазаниот со зборовите „Господ да биде со тебе“. При посветувањето нов епископ целото собрание, и клериците и лаиците, исто така, го поздравувале со „свет целив“, по што тој за првпат возглавувал евхаристиски принос.

Од историјата на овој момент на литургијата е очигледно дека тој претрпел суштинска измена. Од дејствие – и тоа заедничко дејствие – се претворил во возглас. Со оваа промена се изменила и содржината на повикот, барем делумно. Денешниот возглас „да се возљубиме еден со друг” е повик за извесна состојба, додека во древниот облик тој го повикувал собранието на определено дејствие – „поздравете се еден со друг“.

Според сведоштвата што ги имаме, ова дејствие се вршело и без возглас: во неколку документи е опишано целивање по давањето мир. Очигледно е, како што не еднаш се случило во историјата на богослужбата, дека еден возглас, и самиот изведен од едно дејствие, постепено го истиснал целивањето или, поточно кажано, го стеснил дејствието само на олтарот, каде што и денес се врши меѓу свештениците и ѓаконите што сослужуваат.

На прв поглед не би изгледало дека оваа постепена замена на едно вообичаено дејствие со возглас и сиве овие технички детали претставуваат некој особен интерес. А и самиот возглас како да не бара никакво објаснување, до толку што секој знае дека љубовта е главната христијанска заповед, следствено на тоа умесно би било за неа да постои потсетник пред ова од сите најважно црковно свештснодејствие. Но, ако е така, нели е сеедно дали овој потсетник се состои од повик на љубов или од символ на љубовта (а во целивот на љубовта коментаторите, се разбира, гледаат само уште еден „символ“)?

Можно е и да се претпостави дека исчезнувањето на дејствието било поврзано со растежот на Црквата, со појавата на преполни со луѓе собранија во огромни храмови, каде што никој не се познавал со никого и каде што овој обред, од наша гледна точка, би бил обична формалност.

Но, сево ова е така само „на прв поглед“, кога се уште не сме го зеле предвид вистинското и токму литургиското значење на овие зборови и дејствија, а пред се, значењето на самиот израз „христијанска љубов“.

Всушност, толку сме се навикнале на овој идиом, толку сме се изнаслушале проповеди за љубовта и за призивот за неа, што ни е тешко да не’ погоди вечната новина на овие зборови. А и самиот Христос укажува на оваа новина: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг“ (Јован 13, 34). Но, и пред Христа светот знаел за љубовта, за нејзината вредност и висина. Нели во Стариот завет ги наоѓаме двете заповеди – за љубовта за Бога (5. Мој. 6, 5) и за љубовта за ближниот (3. Мој. 19,18) – за кои Христос рекол дека на нив се крепат целиот Закон и Пророците (Матеј 22, 40)? Тогаш, во што е новината на оваа заповед, новина не само во моментот на изговарањето на овие зборови од Спасителот, туку и за ситевремиња и за сите луѓе, новината што никогаии не престанува да биде нова?

За да одговориме на ова прашање доволно е да си споменеме за еден од основните знаци на христијанската љубов, како што е укажано во Евангелијата: „Љуби си ги неиријателите“. Овие зборови содржат едно нечуено барање за љубов кон некого што не го љубиме. Затоа тие не престануваат да не потресуваат, да не вознемируваат, да не плашат и, пред се’, да не’ судат, ако не сме оглувеле сосема за Евангелието. Токму затоа што оваа заповед е нечуено нова, ние најчесто ја заменуваме со своите лукави човечки толкувања за неа.

Веќе со векови, и изгледа со чиста совест, не само одделни христијани, туку и цели цркви потврдуваат дека христијанската љубов на дело мора да биде насочена кон своите – дека да се љуби, природно и само по себе разбирливо, значи да се љубат ближните и семејството, своите луѓе, својата земја, сите луѓе и нешта што би ги љубеле и без Христа и Евангелието.

Веќе не забележуваме дека во Православието, на пример, религиозно обоениот и оправданиот национализам одамна е станат вистинска ерес што ја сакати црковната свест, безнадежно го разделува Православниот исток и ги прави сите наши красноречиви говори за вселенската вистина на Православието лицемерна лага. Сме ги заборавиле оние другите, не помалку чудни и страшни зборови што Евангелието ги содржи за таа обична „природна љубов”: „Кој милува татко или мајка … син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене” (Матеј 10, 37) и „Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите… тој не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 26).

Ако доаѓањето при Христа значи исполнување на Неговата заповед, тогаш очигледно, христијанската љубов не само што не е просто засилување, „овенчување“ и религиозно одобрување на природната љубов, туку е радикално различна од неа, дури спротивставена на неа. Тоа е навистина нова љубов за која нашата падната природа и нашиот паднат свет се неспособни и која заради тоа е неможна во него.

Но, како можеме да ја исполниме оваа заповед? Како можеме да ги љубиме оние што не ги љубиме? Зарем не е тајната на секоја љубов во тоа што таа никогаш не може да биде само плод на волјата, на самовоспитувањето, на практиката, дури ни на аскезата?

Преку вежбањето на волјата и преку самовоспитувањето можно е да се стекне „добра волја“, трпение и непристрасност во односите со другите, но не и љубов – за која св. Исаак Сирин вели дека дури „и демоните ги милува”. Тогаш, што може да значи оваа невозможна заповед на љубовта?

Одговорот на тоа може да биде само еден. Да, оваа заповед фактички би била невозможна и, следствено, чудовишна, кога христијанството би се состоело само од заповедта на љубовта. Но, христијанството не е само заповед, туку и откровение и дар на љубовта. А љубовта е заповедана само затоа што ни е откриена и дарувана пред заповедта.

Само „Бог е љубов“. Само Бог љуби со љубовта за којашто зборува Евангелието. И само во Боговоплотувањето, во соединувањето на Бога и човекот, т.е. во Исус Христос, Синот Божји и Синот Човечки, Љубовта на самиот Бог – или подобро кажано, самиот Бог Кој е Љубов – е објавен(а) и даруван(а) на луѓето. Во ова е потресната новина на христијанската љубов – дека во Новиот завет човекот е повикан да љуби со Божествената љубов, која станала љубов Богочовечка, љубов Христова. Новината на христијанството не е во заповедта да се љуби, туку во тоа што станало можно да се исполни заповедта. Во соединувањето со Христа ја примаме Неговата љубов и можеме да љубиме со неа и да растеме во неа. „Љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден“ (Рим. 5, 5), и преку Христа ни е заповедано да престојуваме во Него и во Неговата љубов. „Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене… кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод, оти без Мене не можете да направите ништо… Бидете во Мојата љубов!“ (Јован 15,4-5,9).

Да се биде во Христа значи да се биде и да се живее во Црквата, која е Христовиот живот, соопштен и даруван на луѓето, која, според тоа, живее преку Христовата љубов, престојува во Неговата љубов. Христовата љубов е почеток, содржина и цел на животот на Црквата и оваа љубов, всушност, е единствениот знак на Црквата, затоа што се друго е опфатено со неа:

„По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе” (Јован 13, 35). Љубовта е суштината на светоста на Црквата, затоа што таа „е излеана во нашите срца преку Духот Свети”; суштината на единството на Црквата што „се изградува во љубов” (Ефес. 4, 16); и конечно, суштината на апостолството и на соборноста (католичноста), затоа што Црквата секаде и секогаш е истиот апостолски сојуз „сврзан со врската на љубовта”.

Затоа „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски… да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам – ако љубов немам, ништо не сум. И да раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори – штом љубов немам, ништо не ми користи” (1. Кор. 13,1-3). Зашто само љубовта им дава значење и дејствителност на сите „знаци” на Црквата – на единството, на светоста, на апостолството и на соборноста.

Црквата е сојуз на љубов или, како што вели Хомјаков: „љубов како организам”, не само во смислата дека нејзините членови се соединети со љубов, туку, пред се’, во тоа што преку оваа љубов на сите за секого, љубов како живот, таа на светот му го пројавува Христа и Неговата љубов, сведочи за Него и го љуби и го спасува светот преку љубовта Христова. Во паднатиот свет мисијата на Црквата како спасение е да го пројавува светот ирероден од Христа. Суштината на паднатиот свет е тоа што во него царува разделеноста, одделеноста на секој од секого, која не ја совладува „природната” љубов на некои за некои и која торжествува и е исполнета во крајната “одделеност” – смртта.

Суштината на Црквата е пројавувањето и присуството на љубовта во светот како живот и животот како љубов. Исполнувајќи се во љубовта, таа сведочи во светот за оваа љубов, му ја носи на светот и со неа „го лекува созданието” потчинето на законот на разделеноста и на смртта. Во неа секоја личност таинствено се здобива со силата да „сака со љубовта на Исуса Христа” (Фил. 1, 8) и да биде сведок и носител на оваа љубов во светот.

Но, тогаш и собирањето како Црква, пред се’, е тајна на љубовта. В Црква одиме за љубов, за таа нова љубов на самиот Христос, која ни е дарувана во нашето единство. Одиме в Црква за таа Божествена љубов одново и одново да се „излева во срцата наши”, одново и одново да се „облечеме во љубов” (Кол. 3, 14), за да можеме, составувајќи го Телото Христово, да престојуваме во Христовата љубов и да му ја објавуваме на светот. Но, затоа е толку жална, толку противречна на исконскиот опит на Црквата нашата денешна сосема индивидуализирана побожност со која егоистички се одделуваме од собранието. Дури и стоејќи во Црквата, продолжуваме да чувствуваме некои луѓе како „блиски”, а други како „далечни” – безлична маса што „нема важност” за нас и за нашата молитва и ја вознемирува нашата „духовна концентрација”. Колку често наизглед „духовно” и „молитвено” настроени луѓе отворено зборуваат за својата нељубов за собранија со многу луѓе што ги вознемируваат во молитвата и бараат празни и темни храмови, зафрлени агли, одделување од „толпата”.

Всушност, таквата индивидуална „самовдлабоченост” тешко би била можна во црковното собрание – токму затоа што таа не е цел на собранието и на нашето учество во него. За таквата индивидуална молитва Евангелието вели: „кога се молиш, влези во својата скришна соба, и откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се…” (Матеј 6, 6). Не значи ли ова дека собирањето како Црква има друга цел, веќе содржана во самиот збор „собрание”? Преку него Црквата се исполнува себеси, го остварува нашето општење со Христа и со неговата љубов, така што, учествувајќи во него, составуваме „ние многумина – едно тело”.

Вака целивот на мирот ни се открива во целото свое значење. Погоре реков дека тој бил неотуѓив дел на црковното собрание од првиот ден на постоењето на Црквата, затоа што за раните христијани тој не бил само символ и потсетник на љубовта, туку свет обред на љубовта – видлив знак и обред во кој и преку кој невидливо, но стварно се врши излевањето на Божествената љубов во срцата на верните, облекувањето на секого и на сите заедно во љубовта Христова.

Во нашиот современ, крајно индивидуалистички и егоцентричен пристап кон Црквата, овој  обред неизбежно се восприема како празна „форма”. Навистина не го знам човекот што стои спроти мене во црквата; не можам ни да го љубам, ни да не го љубам,затоа што ми е„непознат” и според тоа – нико]. Толку сме исплашени од оваа празна форма, толку крајно „искрени” во нашата индивидуалност и егоцентричност, саможивост, што го забораваме главното. Забораваме дека во повикот да се „поздравиме еден друг со свет целив” не зборуваме за нашата лична, природна, човечка љубов, со која, всушност, неможеме да љубиме некој „непознат” што се’ уште не станал „нешто” или „некој” за нас, туку за љубовта Христова, за нејзиното вечно чудо што се состои токму од фактот дека таа го преобразува непознатиот (а секој непознат, во краен случај, е непријател) во брат, без оглед дали има или нема важност за мене и за мојот живот; дека самата цел на Црквата е совладување на ужасното отуѓување што во светот го внесе ѓаволот и што се покажа како негов погубител. Забораваме дека в Црква доаѓаме за оваа љубов, која секогаш ни е дарувана во собранието на браќата.

Затоа во раната Црква собранието на верните не било повикувано на вербален одговор, туку на дело. Зашто знаеме дека не можеме сами по себе да ја достигнеме таа љубов, исто како што не можеме да го стекнеме мирот Христов – кој „го надминува секое разбирање” – проштевањето на гревовите, вечниот живот и соединувањето со Бога. Сето тоа ни се дава, ни се дарува во свештенотајната на Црквата, и целата Црква е едно големо светотаинство, Христово свештенодејствие. Христос дејствува во сите наши гестови, дела и обреди, и се’ видливо станува „видливост на невидливото”, секој символ е исполнет во светотаинството.

Според тоа, во „светиот целив” не ја изразуваме нашата љубов, туку се прегрнуваме еден друг со новата љубов Христова. И нели е тоа радоста на заедницата, што јас ја примам таа љубов Христова од „непознатиот” што стои спроти мене, и тој од мене? И што во неа двајцата сме „разоткриени” еден на Друг како причесници во Христовата љубов, а тоа значи – како браќа во Христа?

Можеме само да ја посакуваме таа љубов и да се подготвуваме за нејзиното примање. Во раната Црква паднатите морале да се смират и да си простат еден на друг пред да земат учество во црковното собрание. Се’ човечко морало да се исполни, за Бог да може да владее во душата. А да се подготвиме, значи да се запрашаме: Одиме ли ние на литургија за оваа љубов Христова, одиме ли ние како гладни и жедни не само за помош и утеха, туку за огнот што ги гори сите наши слабости и сите наши ограничувања и не озарува со новата љубов Христова? Или се плашиме дека оваа љубов ќе ни ја ослаби омразата за непријателите, сите наши „принципиелни” осудувања, несогласувања и поделби? Не сакаме ли почесто од Црквата мир само со оние со кои веќе го имаме, љубов за оние што веќе ги љубиме, самопотврдување и самооправдување?

Но, ако е така, тогаш не го стекнуваме дарот што ни овозможува вистински да си го обновиме и вечно да си го обновуваме животот, не се впуштаме подалеку од границите на сопственото „отуѓување” и фактички не учествуваме во Црквата.

Да имаме на ум дека во раната Црква давањето на мирот и целивот на мирот биле првите дејствија на литургијата на верните, т.е. на самото евхаристиско свештенодејствие. Зашто тие не само што ја почнувале Евхаристијата, туку во извесна смисла и ја овозможувале, затоа што таа е светотаинството на Новиот завет, царството на Божјата Љубов. Затоа, само кога сме “облечени” во оваа љубов можеме да го твориме споменувањето на Христа, да бидеме причесници на Неговата плот и крв, да го чекаме царството Божјо и животот во идниот век.

„Стремете се кон љубовта”, вели апостолот (1. Кор. 14,1). А каде можеме да го постигнеме ова, ако не во светотаинството во кое Самиот Христос не’ соединува во Својата љубов?

(Продолжува)

Пренесено од книгата “ЕВХАРИСТИЈА” од Александар Шмеман